Оружје, наменето за продажба на терористи и организирани криминални организации, е откриено изминатата седмица во Шпанија, а неговата цена на илегалниот пазар се проценува на 10 милиони евра, и притоа се запленети 10.000 до 12.000 парчиња оружје, вклучително и проектили со кои може да се собори авион, соопшти шпанската Национална гарда, пренесува „Макфакс“.
Минатата седмица во Шпанија беа уапсени пет лица, припадници на злосторничка организација, кои се занимавале со продажба на оружје на црниот пазар на криминални организации, вклучително и на терористички. Сите уапсени, четворица мажи и една жена, се Шпанци по националност. Тие купувале старо оружје, го ремонтирале и го продавале на илегалниот пазар.
Апсењата беа спроведени во шпанските региони Олоте (Жирона, Каталонија), Лиендо (Кантабрија), Галдекано и Гечо (Бискаја, Баскија). Покрај тоа, откриени се и работилници каде што криминалната група го поправала старото оружје и го подготвувала за продажба.
Полицијата прецизираше дека се заплените меѓу 10.000 и 12.000 единици различно оружје, меѓу нив и автоматски пушки „CETME“, автомати „Beretta“, пиштоли „Astra“ и „Star“, тешки митралези и други видови оружје. Дел од оружје било во исправна состојба. Покрај тоа, биле најдени и расклопени делови од различни видови оружја и запленети 80.000 евра во готовина.
Со одлука на судот на три лица од петчлената група им е одреден притвор, додека на другите две им се одземени пасошите и забрането им е да ја напуштаат територијата на Шпанија.
Во трагата на оваа група било влезено во текот на истрагите за терористичкиот напад врз Еврејскиот музеј во Брисел на 24-ти мај 2014 година, кога беа убиени четири лица. Напаѓачот беше идентификуван како Мехди Немуш, Французин од алжирско потекло.
OhridNews
извор: „Макфакс“