Двајца новинари на списанието „Сан“, кои неодамна успеале да влезат во Северна Кореја претставувајќи се како британски бизнисмени, како пример за изолираноста на таа земја од остатокот на светот го навеле фактот што никој не знаел дека Мајкл Џексон умрел, иако таа вест пред три години беше ударна во сите светски медиуми. Во големата репортажа, Алекс Пики и Сајмон Џонс го опишуваат седумдневното искуство во последниот бастион на сталинизмот во светот, како патување низ општо сивило и сиромаштија, каде единствена весела нота даваат огромните шарени мозаици во слава на таткото на нацијата Ким Ил Сунг и неговиот син, неодамна починатиот Ким Џонг Ил.

На самото споменување на САД еден од нивните водичи веднаш почнал да вила „Долу САД“, но на двајцата новинари подоцна со гордост им го покажал своето ЦД од Битлси и им го пуштил нивниот познат хит “Yellow Submarine”. Тројцата водичи кои ги прателе на патувањето знаеле за Битлси и рекле дека ја сакаат нивната музика. Меѓутоа, никој од нив никогаш не слушнал за Џон Ленон, Пол Мекартни, Ронго Стар и Џорџ Харисон. Единствена друга ѕвезда за која знаеле бил Мајкл Џексон, но се запрепастиле кога дознале дека кралот на попот умрел, и тоа уште пред три години.