Поминаа доволен број денови конечно да сфатиме дека Драган Спасеки-Охридски веќе не е меѓу нас, завесата на судбинта неправедно прерано се спушти над неговиот земен живот. Неочекувано нè напушти и неочекувана е загубата во која не може да се поверува, загуба за македонската и поширока јавност.
Се одликуваше со сите возможности: професија, дисциплина, промисленост, смиреност, поезија, копнежливост… Имајќи ги во предвид посетите на неговите изложби недвојбено публиката го препозна неговиот талент и високо го ценеше несекојдневниот дар на овој исклучителен човек, доктор – уметник кој го достигна врвот на творчката кариера, а како пример ја посочувам последната изложба во храмот „Св. Софија“.
Надградување на смислата, разоткривање на вредностите е основната творечка потрага на Охридски. Кога ќе се пишува историја на македонската уметност на него ќе се гледа како на уметник со силна вдахновена драма на човечката болка, но и на човечкиот вознес кој на библиските рефлексии им даде модерен израз.
Низ сите негови сликарски форми струи симболиката на човечкото, на душевното и духовното кое трае од создавањето на човештвото и нема да се заврши додека тоа трае. Блгодарејќи на неговато човечко-универзално, симболиката во неговото дело открива многу парарлелни текови, во што несомнена е неговата вистинска вредност.
Има длабока симболика во неговата сина боја која го отвора небесниот духовен пејзаж. Велам „неговата сина боја“ бидејќи таква сина нијанса може да се види само на неговите платна што сведочи за неговиот препознатлив стил – жив, страстен и нескротлив. Неговиот ликовен и поетски ангажмам е насочен кон сакралниот амбиент на духовните простори и бара посебен филозофски пристап кон разрешување на неговите поставки.
Тој невидлив аспект на чувствата за него беше многу поважен од материјалната страна, сега во неговото ателје ќе стои времето, но во тоа време ќе расте сјајот на неговите уметнички дела.
Земното заминувањето на некој начин е подруг вид на присуство. Тој подруг вид е духовното присуство на нашиот Драган остварено преку неговото дело. Затоа идното време во уметноста, ќе биде негово време.
Славе Ѓорго Димоски