На градските гробишта Пери Маунт Парк во градот Понтијак во сојузната држава Мичиген, САД,  со пригоден настан што се одржа на 1 февруари, беше одбележан јубилејот 150 години од раѓањето на илинденскиот војвода, член на Македонската револуционерна организација и долгогодишен деец во македонското национално движење во татковината и во иселеништвото – Смиле Војданов.

Македонскиот револуционер, учител и војвода Смиле Војданов е роден во 1872 година селото Лактиње, Охридско. Учесник бил во Илинденското востание во својство на војвода во Дебарско и Охридско. Тој е првиот македонски лобист на просторот на цела Северна Америка, залагајќи се за македонска држава. Умрел во Понтијак, САД, на 4 март 1958 година.

Одбележувањето на јубилејот „150 години од раѓањето на Смиле Војданов“ претставува заокружување на уште еден сегмент од патриотскиот долг кон храбрите и непоколебливи синови на Македонија кои целиот свој живот го посветија на делото за создавање на македонска независна држава. Во услови кога државата не дава сигнали на грижа за културно-историскиот континуитет на генерациите кои се вградија во создавањето на државата Македонија, наша должност е да го одбележиме секој македонски син и деец. – велат Ана Дукоска и Гоце Панговски, претставниците на здружението „Заборавени Македонци“ за Соединетите американски држави.

Во САД одбележани 150 години од раѓањето на војводата од охридско Смиле Војданов
Во САД одбележани 150 години од раѓањето на војводата од охридско Смиле Војданов

За патриотските етапи на Војданов почнувајќи од неговата жива и мотивирачка активност во текот на Илинденското востание во кое останува забележан по историскиот повик до македонските соборци-учесници во востанието од 1903 година, зборуваше Гоце Панговски, гласноговорник за правата на Македонците. Тој го подвлече како исклучително важен Меморандумот поднесен до американската влада и претседателот Франклин Рузвелт на 11. февруари 1945 година од име на Македонско-американскиот народен сојуз (МАНС) на кој Смиле Војданов беше претседател.

Македонското прашање е резултат на желбата и борбата на македонскиот народ за самоопределување и национална независност. – стои во историскиот документ.

Четата на Смиле Војданов
Четата на Смиле Војданов – 1903 Дебрца.

На настанот говореа и двете внуки на Смиле Војданов, сестрите Џин Војданова-Јустинг и Џуди Војданова, ќерки на најмалиот син на Смиле – Илија Војданов. Илија бил ветеран од Втората светска војна и е погребан на истите гробишта во близина на својот татко.

Сѐ уште ми е свежо сеќавањето на него како на една од последните маси во нашиот ресторан заедно со други постари сонародници зборуваат на македонски или како чита весници. Честопати во сеќавање ми е фотографијата од Смиле во востаничка униформа како борец против Османлиската Империја, но во тоа време не го разбирав целосно значењето на неговиот удел во Илинденското востание сѐ до оној момент кога одлучивме со мојот сопруг Кен да ја посетиме Македонија. Додека престојувавме во Охрид посакав да го посетам и Лактиње, родното село на татко ми Илија коешто се наоѓа на 30тина километри од Охрид. Во селската месна заедница во Лактиње сѐ уште стои фотографија од дедо ми со други двајца постари луѓе и на средсело има спомен-обележје во чест на неговото учество во Илинденското востание. – истакна Џин Војданова-Јистинг втората ќерка на Илија Војданов, најмладиот син на Смиле Војданов.

Сведоштвото за Смиле Војданов низ солзи го пренесе 87-годишниот Даниел Војданов, внукот на Смиле Војданов од неговиот најстар син Аврам, за тоа како неговиот дедо бил еден мошне мил човек, кого сите луѓе во Понтијак, без разлика на нивното потекло или етничка припадност, застанувале и го поздравувале што, како што рече, е јасен показател за каков човек станува збор.

Македонска православна црква -Охридска Архиепископија Американско-канадска епархија протоереј Драган Јорданов
Македонска православна црква -Охридска Архиепископија Американско-канадска епархија протоереј Драган Јорданов

Во чест на македонскиот револуционер и војвода Смиле Војданов се одржа панихида.

OhridNews