На 13-ти и 16-ти август ќе се одржи вториот испитен рок за тестирање по испитите од државна матура за учениците што во јуни воопшто не ја положија или не во целост.

Во августовскиот рок има 1.928 пријави, според податоците на Државниот испитен центар, надлежен за организација и спроведување на државната матура.

В сабота од 10 часот 320 кандидати ќе полагаат мајчин јазик (македонски, албански или турски) и литература. Во вторник од 10 часот е полагањето на вториот екстерен предмет по избор на ученикот – математика или странски јазик (англиски, француски, германски или руски) за гимназиското образование, односно филозофија или естетика за матурантите од уметничките училишта.

За странски јазик се пријавиле 1.309 кандидати, за математика основно ниво 296, за естетика или филозофија тројца кандидати, а нема пријавен за математика напредно ниво. Резултатите од августовското тестирање по двата екстерни предмета ќе бидат познати до крајот на месецов.

Во јунското полагање беше постигната просечна оценка 3,3 што е најдобар резултат во изминатите три години, откога во Македонија се полага државна матура.

Матурантите што ја положија државната матура во јуни идната седмица може да конкурираат за упис на факултет. Првиот рок за пријавување е на 16-ти и 17 август, вториот на 1-ви и 2 септември, а третиот рок каде што ќе има слободни места е на 15 септември, кога и ќе почне новата академска година.

Наредната недела, на 18 август, е и вториот, августовски рок за запишување ученици во прва година средно образование во училиштата каде што останаа слободни места по двете пријавувања во јунскиот уписен рок.
Резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 19 август.

OhridNews