Изборното собрание на Здружението на новинари(ЗНМ), и покрај сите шпекулации дека можеби ќе биде повторно одложено, ќе се одржи на 11 декември, во сабота, со почеток во девет часот, најави денеска актуелниот претседател на ЗНМ, Роберт Поповски.
      
Раководството соопшти дека во моментов ЗНМ има 458 редовни членови, и сите тие доколку дојдат на собранието, ќе бидат делегати на претстојното собрание. На собранието ќе можат да присуствуваат и 57-те придружни членови според критериумите утврдени во статутот и правилниците за членство.
            
Досега за претседател на ЗНМ се поднесени шест кандидатури и тоа од новинарите: Јордановски Жарко, Костиќ Мира, Младеновски Методија – Менде, Рашиди Назим, Селмани Насер и Симјановски Аљоша. На денот на собранието верификационата комисија која ќе биде изгласана истиот ден и која ќе биде во состав од три члена, ќе ги прегледува сите кандидатури поединечно дали ги исполнуваат критериумите.
            
Здружението на новинари на 20 ноември го одложи собранието за избор на нов претседател и органи на управување поради неможноста да се проверат сите нови апликации на пријавените членови на ЗНМ за да се утврди дали тие се новинари и дали имаат право на глас, како и огромната бројка на пријави на нови членови доставени последниот ден пред да се одржи собранието.

Заинтересирани новинари од Охрид, со регулирано членство, ќе можат да присуствуваат на Собранието во Скопје, а за таа цел ЗНМ обезбеди и бесплатен превоз во 5.45 часот  пред Тим маркет до Охридска банка со автобус на „Пупе компани“.

OhridNews
извор: Makfaks