Во текот на ноќта од петокот кон саботата (3-ти кон 4-ти април), ќе се случи најкусото целосно месечево затемнување во векот, кога Месечината ќе стане крваво црвена само пет минути, објави американската агенција за вселенски истражувања НАСА. Според пресметките на астрономите, затемнувањето на Месечината ќе започне во 9 часот во сабота по Гринич, 11 часот по македонско време, кога сенката на Земјата ќе го покрие дискот на Месечината од светлината на Сонцето. Три часа подоцна, во 11.57 часот по Гринич, затемнувањето ќе ја достигне целосната фаза, којашто ќе трае само пет минути.
Можноста да уживаат во глетката на „крвавата Месечина“ ќе ја имаат само жителите на Северна Америка и западот на Јужна Америка, во делови од САД и Канада, во Мексико, во Австралија, на рускиот Далечен исток, во источен Сибир, и во државите во источна и југоисточна Азија, како Индија и западна Кина.
НАСА и интернет опсерваторијата Slooh организираат пренос на овој значаен настан за жителите на планетата кои не ќе можат директно да го проследат овој невообичаен астрономски феномен кој се објаснува со положбата на небеските тела во Сончевиот систем. Во овој случај Месечината добива темно црвена боја, бидејќи до неа допираат сончевите зраци кои минуваат по површината на Земјата и се распространуваат во нејзината атмосфера, одигрувајќи ја улогата на гигантски објектив. Ова затемнување е третото во своевидната четворка од целосни месечеви еклипси, коишто се случиле или ќе се случат во минатата и во текот на оваа година. Првото затемнување се случи на 15-ти април 2014 година, второто во октомври, исто така, минатата година, а по саботната последната ќе се случи на 28-ми септември годинава. Претходната слична „четворка“ од затемнувања се случи во 2003 година, а во целото столетие ќе има само осум вакви појави.
Месечевото затемнување настанува кога природниот сателит на Земјата движејќи се околу планетата, навлегува во сенката. Доколку рамнината на орбитите на Месечината и Земјата би се совпаѓале, лунарната еклипса би се повторувала секој месец. Меѓутоа, аголот меѓу изнесува 5 отсто, за да се случи затемнување, Месечината при појавата на „полната месечина“ се наоѓа во точката на пресекот на нејзината орбита и рамнината на орбитата на Земјата – еклиптиката. Во текот на една година се случува едно до две месечеви затемнувања.
OhridNews
извор Макфакс