Традиционалната манифестација „Денот на Езерото“, трите крајезерски градови Охрид, Струга и Поградец секоја година ја обележуваат на 21 јуни, со цел да ја искажат заедничката грижа за заштита на Охридското Езеро. Годинава, освен градоначалниците од Охрид и Поградец, на прославата ќе учествува и Градоначалникот на општина Дебарца.
–Годинешен домаќин на „Денот на Езерото“ е Општина Охрид. Намерата на Локалната самоуправа е преку бројните содржини кои ги организираме да се збогати понудата пред гостите и туристите, беше потенцирано на денешната прес- конференција на која претставници од Локалната самоуправа официјално ја презентираа програмата од годинешната прослава .
Манифестацијата „Лето 2010“ годинава ќе се одржи по втор пат и со неа се одбележува почетокот на летната туристичка сезона.
“ Сите чинители на развојот на туристичката понуда во Охрид ќе имаат можност, на штандови, да ги презентираат своите производи и услуги пред гостите. Дел од охридските ресторани и хотели за оваа прилика ќе ги намалат своите цени од 20 до 30% , вели Горан Мицковски од Секторот за локален економски развој.
Во рамки на одбележувањето на Денот на езерото, во сабота ќе се одржи и Рекреативен велосипедски маратон околу езерото. По пристигнувањето на учесниците на градскиот плоштад, ќе следи обраќањето на тројцата градоначалници и богата културно- уметничка програма.
Општина Охрид е организатор и покровител на двете манифестации.