Синоќа во галеријата при Куќата на Робевци беше отворена изложбата на слики „Angels, animals and humans“, на Стефанија Петровска.

Присутните имаа можност да се запознаат со 40-тина прекрасни дела на уметницата, изработени со комбинација од различни техники, почнувајќи од цртежи и колажи, па се до масло, пастелни бои и катран.

Станува збор за комбинирана техника од цртежи и колажи, а има мал дел изработени на платно, меѓу кои две дела од моите претходни циклуси. Користено е масло, пастели, хартија во склоп на колажот, а тука е и битуменот, односно катранот. Во суштина, тоа се техники и материјали за да се постигнат сите тие различни текстури.“ – вели уметницата Стефанија Петровска.

Изложените дела на Петровска, во суштина претставуваат нечии судбини, како резултат од потребата да се тежнее кон хармонија и баланс.

Токму оттаму дојде и насловот на изложбата „Ангели, луѓе и животни“, кои на еден начин го симболизираат светото тројство како создател на животот. Тие се директни дејствители во самиот живот како една единствена целина, која придонесува работите да се случуваат онака како што се случиле.“ – објаснува Петровска.

За уметниците на Балканот и целокупната сцена, Петровска вели дека сите заедно ја делат истата судбина.

Искрено тука на Балканот, судбината на уметниците е многу слична. Од кога завршив со школувањето, сцената ја пратам преку интернет, односно пратам што точно се случува со авторите и моите колеги. Изненадена сум колку тие напредуваат и колку се понапред во однос на нас во Македонија. Но резултатите од сите изложби, горе-долу се слични како тука.“ – вели Петровска.

Миодраг Мишко Петровиќ, за уметницата Петровска вели дека поседува огромна енергија, која преку творењето ќе и помогне да на своите слики го усклади својот ментален свет и бурен темперамент.

Како продукт на игра, размислување, усвојување на изненадно надојдени решенија, во својата “ментална кујна”, Стефанија започнува од, условно речено , потполно белило, до слики/колажи кои се преполни со боја, топло сонце, небесно синило и безброј наоколу ситни детали, кои совршено ја заокружуваат композицијата и допринесуваат за нејзината разиграност.“ – се вели во дел од критиката.

Стефанија Петровска е родена 1983 год. во Кавадарци. Во 2005 год. завршува во универзитетот “Св.Кирил и Методи” во Велико Трново – Бугарија , педагошки одсек, специјалност – скулптура. Зад неа се бројни самостојни изложби.  Член е на ДЛУК И ДЛУШ. Како член на ДЛУК, има учествувано на групна изложба во Париз, Франција. Има учествувано на повеќе ликовни колонии и студентски изложби во повеќе локации во Србија, Бугарија и Македонија.

Изложбата на дела од Петровска ќе трае две недели.

Инаку, настанот е во организација на Центарот за културен проток “Артерија”.

O.T.