Во Куќата на Робевци вечерва беше отворена изложбата на среброрез “33 Христос живот за спас на човештвото“, од охридскиот уметник Боро Митрески – Минта.
На изложбата се изложени 33 микроекспонати, уметнички дела, рачно изработени на сребрени плочки, односно 33 уметнички дела сребрен накит, кои ги симболизираат годините кои ги имал Исус Христос кога пострадал. Уште една симболика на изложбата е што се случува на 33-годишнината од независноста на Македонија.
Боро Митрески – Минта е необична и богата личност. Необична затоа што врзува некои за многумина неспоиви дисциплини. Човек што службувал во безбедноста, најпрвин како сообраќаен инженер, а потоа во службата за борба против трговија со дрога и оружје во СВР Охрид, посветувајќи и се истовремено на фасцинантната страст, како онаа на каратето, на уметноста, на филигранската обработка на некои метали како златото, среброто, бакарот, вели во рецензијата кон уметноста на Боро Митрески – Минта, Ефтим Клетников.
Она што импресионира посебно на филигранските микроекспонати на Боро Минта е нивната фасцинантна рачна изработка, која изгледа речиси невозможна. Невозможно е да се длаби со глетото на таков микро простор и да се создаде сребрен микробарокен вез. Од нив зрачи длабинска сугестија, магична аналогија што ги врзува нив со изворите до кои допираат како уметност. Тука пред се мислиме на сребрените опкови на на нашите икони, но исто така и на магијата на македонскиот вез, уметноста на тантелата, а потоа и на барокната резба на нашите копаничари. Се тоа кое и нашето внатрешно духовно око ги гледа на фасцинантните сребрени микроекспонати на Боро Минта. Тие се сакрални во најубава смисла на овој поим. Нивната естетика е естетика на душата. И тоа кажува се, ќе рече Клетников.
Во обраќањето пред присутните, авторот истакна дека е почестен што има можност да ги изложи неговите микроекспонати во Куќата на Робевци, со што неговата уметност станува достапна за јавноста.
Ова е прва ваква изложба во Македонија што ми прави големо задоволство. Делата кои се изложени тука најдобро зборуваат, па затоа ги поканувам сите заинтересирани да ги погледнат, рече Боро Митрески – Минта.
Изложбата на Боро Митрески – Минта во Робевци, ќе биде отворена за посетителите до 15 септември во периодот од 9 до 20 часот.
Г.М.
Фото: А. Момироска