Плакати кои го обвинуваат поглаварот на римокатоличката црква папата Франциск за напад врз конзервативните католици се појавија во италијанската престолнина Рим во текот на викендот, но градските власти брзо интервенирале и ги прекрија. Римските власти ги прекрија со бела хартија плакатите со пораката „илегална реклама“.

Ватикан немаше коментари. Отец Антонио Спадано, исусовец близок на Папата, сепак „твитуваше“ дека плакатите се знак дека Франциск работи и затоа лути многу луѓе.
Плакатите кои мистериозни активисти ги излепиле во текот на ноќта кон саботата прикажуваат слика на Папата со строг поглед со текстот „Каде е милосрдието?“. Текстот го обвинува папата Франциск за неколку интервенции против конзервативците, вклучително и она што плакатот го нарекува „обезглавување на Малтешките витези“. Тоа упатува на стариот католички ред витези кои имаат сега карактер на организација од светски димензии и дејствуваат како своевидна парадржавна институција со своја дипломатија, чиј Голем мајстор минатата седмица поднесе оставка по двомесечната јавна кавга.

Плакатите се појавија неколку часа пред Ватикан да го објави личниот претставник на Папата во редот, при што го остави настрана конзервативниот кардинал Рејмонд Лео Бурке, кој бил покровител на редот од 204 година и чест критичар на папата. Во писмото објавени во саботата во Ватикан, папата Франциск изјави дека надбискупот Анцџело Бесчио ќе биде „исклучив гласноговорник“ на папата во Малтешкиот ред додека не се одржат избори за новиот Голем мајстор за неколку месеци.

Еден месец по судирот меѓу Суверениот малтешки ред и Светата столица, Неговото Високопреосвештенство Големиот мајстор фра Метју Фестинг, на 5-ти јануари се согласи да поднесе оставка по барањето на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.