Во култниот ресторан „Виа игнација“ во Вевчани, вечерва, свечено беше отворена Црногорска соба. Таа е опремена со автентични експонати и предмети кои го претставуваат идентитетот, културата и традицијата на Црна Гора.

Иницијативата за отворање на Црногорската соба е на Д-р Небојша Баткоски и амбасадорот на Република Црна Гора во земјава Предраг Митровиќ, а проектот кој успешно се реализира за само една година е поддржан од двете земји, претствници на бизнис заедницата и други помагатели.

-Нашите два народи имаат заедничко минато, но и иднина, а за тоа секако ќе придонесе и отворањето на оваа Црногорска соба. Таа ќе ја збогати и туристичка понуда на Вевчани, кое покрај карневалот, изворите и другите убавини сега ќе има уште едно место кое ќе биде мотив за да го посетат туристите. – изјави на отворањето на Црногорската соба д-р Небојша Баткоски.

Амбасадорот на Црна Гора во Македонија Предраг Митровиќ истакна дека отворањето на Црногорската соба во Вевчани е уште еден мост кој ќе ги зацврсти добрите односи помеѓу двата народа.

-Им благодарам на д-р Небојша Баткоски и Ѓорѓи Угриноски и нивните семејства за несебичната поддршка во реализацијата на овој проект, кој стана стварност за само година и два месеца. Од обезбедување буџет и договарање до целосна реализација. – рече амбасадорот Митровиќ.

На отворањето на Црногорската соба во Вевчани присуствуваше министерот за надворешни работи на Црна Гора, проф. д-р Срѓан Дармановиќ, кој рече дека ова ќе биде значајно место во секаква смисла.

-Црногорската соба ќе придонесе за зајакнување и на врските помеѓу Македонија и Црна Гора, две пријателски земји, чии односи почиваат на темелите на отвореност и доверба. Истовремено уверен сум дека Црногорската соба ќе придонесе за подобрување на економските и севкупните односи помеѓу нашите земји. – додаде Дармановиќ.

Свеченоста на која присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, министри, бизнисмени, претставници на црногорската заедница во земјава и бројни гости, беше збогатена со aктерски перформанс, изворна македонска и црногорска музика и прекрасни национални специјалитети од познатата кујна на ресторанот „Виа игнација“.

Фото галерија:

OhridNews
фото: А. Момироска