Само за првите шест месеци од годинава приливот на странски туристи во Албанија е пресметан на 1,13 милијарди евра, над 440 милиони евра повеќе во однос на истиот период лани, покажуваат податоците на Централна банка на Албанија.

Приходите од туризмот се повисоки дури и од шестмесечниот период од 2019 година, која се смета за најдобра година за туристичкиот сектор, каде што во текот на целата година туристите донеле над две милијарди евра.

Според Банката, на зголемувањето на приходите од туризмот овој период влијаеле и спортските и културните настани што се одржаа во земјата, особено финалето на фудбалската Конференциска лига кое донесе многу навивачи и посетители.

Од друга страна и албанските граѓани кои патуваат во странство ги зголемиле трошоците, поради што само во првиот дел од годината преку границите потрошиле 794 милиони евра, околу 395 милиони евра повеќе во однос на минатата година. Ова се должи и на олеснувањето на пандемските ограничувања од страна на странски земји, олеснувајќи го движењето на луѓето.

OhridNews