Уште мал број карти останаа во продажба за осмото издание на најочекуваниот културно – забавен настан и оваа зима во Охрид, музичко – сценскиот спектакл “Зимска бајка“, што ќе се одржи на 21 декември во Центар за култура „Григор Прличев“. Продажбата се одвива на добро познатата локација во центарот на градот, во Топ маркет кај Чинарот. Истите чинат 800 денари, а се продаваат по принципот „прв дојден – прв услужен“. Дел од влезниците претходно беа резервирани за соработниците, помагателите и поддржувачите на манифестацијата, како и за хуманитарни цели што организаторот традиционално ги реализира во соработка со лајонс клубовите од градот.

Оваа година „Бајката“ ќе не врати во 1990-те години, кои беа исклучителни за светската музика. Бендот на „Зимска Бајка“ составен од извонредни музичари од овие простори годинава е засилен со гудачки квартет, дувачки солисти и хорот „Лихнидос“. Тие ќе изведат дел од големите светски музички хитови од 90-те години на кои, на уникатен начин ќе не потсетат Dj Face и студиото за модерни танци „Бах“.

Шоуто традиционално ќе биде зачинето со креативен хумор за кој се задолжени познатите охридски актери и комичари Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски – алијас „2 Mothers brothers“ и специјалниот гостин, црногорскиот стендап комичар Андрија Дабановиќ кој важи за еден од најдобрите стендап комичари на Балканот во моментов.

Дел од атмосферата на минатогодишната „Зимска бајка“

Настанот е поддржан од Општина Охрид и бројни спонзори и општествено одговорни компании и помагатели, за што организаторот упатува голема благодарност.

Наскоро OhridNews, ќе ја промовира и Годишната ревија на настани во која ќе бидат поместени најзначајните случувања од 2024 година. На специјален настан кој ќе се емитува во живо на социјалните мрежи и на нашиот портал, ќе бидат доделени признанијата на најуспешните приказни во Охрид во годината што изминува.

Г.М.