Утрово на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ со лет од Виена, допатува Мартин Хофман, претседетел на Интернационалната полициска асоцијација ИПА, придружуван од неговата сопруга. Тој беше пречекан од Стефан Димоски, претседател на ИПА регион Охрид и членовите на управниот одбор на ИПА Охрид, Ергин Ахмед, Биљјана Бандулиева и Александар Трајкоски.

Претседателот Димоски и претседателот на Светската ИПА, во хотелот „Инекс Олгица“ имаа кратка работна средба при што, претседателот Хофман беше запознат за финалните активности во врска со претстојниот 67. Светски ИПА конгрес, кој од 17 до 22 септември оваа година, ќе се одржи во Охрид, инфомираат од ИПА Охрид.

Додаваат дека претседателот на Интернационалната полициска асоцијација ИПА, Мартин Хофман, ќе биде дел од ВИП личностите што ќе учествуваат на овој највисок репрезентативен собир на државите и полициите од светот-членки на ИПА на кој, свое учество најавија 64 ИПА држави и нивни национални ИПА секции како и други меѓународни организации членки на Обединетите нации, со присуство на 240 учесници-високо рангирани полициски службеници во матичните Министерства за внатрешни работи.

Утре, во Охрид ќе допатуваат и потпретседателот и благајник на Интернационалниот извршен одбор, Мајкл Волш, Генералниот секретар -Јоже Сеница, претседателот на комисијата за меѓународна соработка Оливер Хофман, Диего Тролесе – претседател на професионалната комисија, Христос Паргинос -претседател на социјално културна комисија, Пјер Алет, благајник за социјални работи и Клив Вуд, шеф на администрацијата на Интернационалниот извршен одбор.

Нивното учество на Светскиот конгрес во Охрид како и учеството на високи полициски делегации од другите земји, е од исклучително значење за ИПА Македонија, како организатор на Светскиот конгрес но и врв на довербата што ИПА Македонија и ИПА Охрид, ја имаат во рамки на светската ИПА. На 67. Светски конгрес на Интернационалната полициска асоцијација, ќе се разговара за повеќе теми поврзани со регионалната и глобалната безбедност и стабилност, јакнење на билатералната и мултилатералната полициска соработка помеѓу полициите-членки на ИПА, јакнење на професионализмот на полициските службеници низ бројни форми на едукација и во таа насока, ќе бидат потпишани низа конкретни договори, потенцираат од ИПА Охрид.

По завршување на 67-миот ИПА Светски конгрес во Охрид, ќе следи манифестацијата „Недела на пријателство“ при што, за учесниците на 67 Светски ИПА конгрес, од 22 до 29 септември, предвидени се туристички разгледувања на повеќе ИПА региони, градови, значајни историски и туристички места во Македонија.

Инаку, Интернационалната полициска асоцијација (ИПА), е најголема полициска организација во светот, формирана на 1 јануари 1950 година од кога работи врз принципите утврдени и усвоени од страна на Обединетите нации во 1948 година како и врз основа на универзалната Декларација за човекови права. ИПА, своите корени во Македонија ги има од 2008 година кога, под менторство на ИПА Хрватска, се отворија првите ИПА клубови во Охрид, Битола и Прилеп.

Во 2011 година во Скопје, се оформи ИПА Македонија, Национална Секција на Македонија како дел од меѓународното ИПА полициско здружение од кога, успешно дејствува, ги спроведува целите и задачите на меѓународната ИПА и активно ги поддржува стратешките определби и интереси на Македонското министерството за внатрешни работи, посветени на јакнење на улогата на полицијата во македонското демократското општество што се интерес на членовите на ИПА и граѓаните во целина.

OhridNews