Виртуозот на виолина Стефан Миленковиќ во пресрет на настапот на ,,Охридско лето” со „Танго компас“ на 1 август во Античкиот театар, попладнево допатува во Скопје и имаше средба со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Пред охридската публика Миленковиќ ќе се претстави со нов проект, танго-концерт, со тим кој првпат доаѓа на фестивалот, каде инаку тој има повеќепати гостувано како солист, со камерни состави и со наши музичари. Претходниот настап му беше во 2011 година заедно со Влатко Стефановски.

,,Танго компас” е проект на страсни љубители на танго-музиката, во кој покрај Миленковиќ, се и: Марко Хатлак (хармоника), Марко Чрнчец (пијано), Лука Херман Гајзер (контрабас), а со нив како вокал ќе настапи Ана Безјак. Нивниот концерт задутре од 21 часот е веќе распродаден.

-Драго ми е што повторно сум тука, сега во овој состав, со фантастични музичари и пријатели, и ја делиме со вас и со фестивалотнашата страст. Тангото е инаку страст, ова е наша приватна страст и хоби, јас сакам и да танцувам танго, така што одлучивме данаправиме нешто што нам ќе ни биде забавно и тоа да го пренесеме понатаму. Со тоа и да го покажеме развојот на тангото, старите мајстори, но и модерните, современи мајстори. ,,Танго компас” значи пулс, ритам, и нешто повеќе од ритам. Тоа е нешто што е самата срж на музиката, без што музиката не би можела да постои, тоа е пулс без кој ние не би можеле да постоиме. Како платформа и тема е нешто малку пошироко од само танго-теми и затоа имаме дури и нешта кои не се нужно танго, но кои ги поврзува тој пулс, рече Миленковиќ за медиумите.

Српскиот виолинист со меѓународна кариера, кој од рана возраст го доби епитетот ,,чудо од дете” поради виртуозното свирење виолина, е задоволен што повторно ќе гостува во Охрид за кој има убави спомени.

– Некои од најубавите спомени што ги имам од детството се од овде, и од Скопје и од Охрид, каде некогаш доаѓав со семејството и по концертот останувавме уште десет дена или две недели. Тоа е нешто што навистина секогаш ќе го носам со себе, а што се однесува до фестивалот – некако, израснав со него. Некои од најраните спомени од концерти се токму од ,,Света Софија”, и на тоа не можам да гледам поинаку отколку како дел од мојот живот, додаде Миленковиќ.

Министерката Канческа-Милевска му посака пријатен престој и убав концерт, како и повторно гостување во иднина.

– За публиката ова ќе биде едно посебно доживување, бидејќи Стефан е наш голем пријател и многу години учесник на ,,Охридско лето”. Публиката го очекува со големо нетрпение, сите карти се веќе распродадени, рече Канческа-Милевска, која на гостинот му подари и монографија со ДВД за убавините на Македонија.

Селекторката на музичката програма на ,,Охридско лето” Гордана Јосифова-Неделковска откри дека Миленковиќ на крајот на концертот и ќе танцува на сцената.

– Ваков тип проект е нешто ново и свежо и се уште немало на фестивалот ,,Охридско лето”. Ова е нивниот најнов проект и е меѓу концертите кои се ексклузивни, многу атрактивни и наменети за пошироката публика, истакна Јосифова-Неделковска.

OhridNews

Фото: „МИА“