„Во прегратките на љубовта“ на Емил Попорданоски ја доби наградата „Стојан Христов“, којашто се доделува за најдобра поетска книга од автор од македонската дијаспора што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ во соработка со Агенцијата за иселеништво.

 

Стихозбирката „Во прегратките на љубовта“ од Емил Попорданоски се одликува со мотивско-тематска и стилско-изразна кохерентност. Лајт-мотив за поетските љубопитства и потраги е љубовта како повод за свртување кон својот внатрешен свет и обид за откривање на причинско-последичните врски со реалноста. Тоа се искрени, елементарни изливи на емотивниот набој кој на места се доближуваат до еден вид сублимации од рефлексивен карактер кои на песната, но и на книгата во целина, ѝ придаваат поизразита внатрешна структура и цврстина. Оттука книгата добива димензии на своевидна поема на и за љубовта. Песните во оваа книга се поле за авторовата потрага по хармонија, при што љубовта  се јавува како повод и цел во градењето на авторовата животна филозофија низ која се согледуваат возвишените димензии на внатрешниот порив да се сака и да се биде сакан – стои во одлуката на жири-комисијата.

Стихозбирката „Во прегратките на љубовта“ е неговата прва објавена книга. Таа содржи триесетина песни напишани во различни временски периоди и континенти. На соопштувањето на наградата се обрати и директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски, кој му честиташе на годинешниот добитник.

Во име на агенцијата сакам да се заблагодарам на комисијата, на претседателот и на директорот на „Струшките вечери на поезијата“. Наградата ја востановивме во 2008 година и доделувањето трае во континуитет и планираме и понатаму да ја доделуваме. Во мое лично име му посакувам успех на добитникот Емил Попорданоски. Верувам дека многу лесно жири-комисијата дојде до ваква одлука затоа што единствено нешто на оваа планета што не може да се купи со пари е љубовта. Им се заблагодарувам на сите учесници за оваа награда и ги охрабрувам и понатаму да творат – рече Близнаковски.

Oдлука за наградата ја донесе жири-комисијата во состав Веле Смилевски (претседател) и членовите Јовица Ивановски и Митко Гогов. „Поезија за возрасни“ од Саво Костадиновски, од Келн, Германија; „На брегот“ од Милена Златеска, од Пула, Хрватска; „Во прегратките на љубовта“ од Емил Попорданоски, од Мелбурн, Австралија; „Таму каде душите треперат“ од Росано Чолаков, од Фрајбург, Германија; „Магични љубовни зборови“, „Неостварена љубов“ од Оливера Петрова Јовановска, од Мелбурн, Австралија; „Раѓање“ од Бошко Рајчовески – Пелистерски, од Флорида, САД и „Во куќата на зборот“ од Соња Таировска Ѓурчак, од Улм, Германија се седумте книги што ги доби жири-комисијата на разгледување.

OhridNews