Психолози, педагози, и социолози од сите основни  и средни училишта во Струга заедно со Државниот инспектор по образование, претставници од Центарот за социјални работи, од Основното јавно обвинителство од Струга како и претставници од Локалната самоуправа вчера дебатираа околу превенирањето на конфликтите меѓу младите и намалување на малолетничката деликвенција. Тие иницираа заживување на проектот за формирање на Општински совети за превенција на малолетничкото престапништво во соработка со Локалните самоуправи на Струга и Вевчани и се договорија да ја интензивираат соработ ката меѓу образовните центри на подрачјето, како и соработката со Центарот за социјални работи, со учениците и нивните родители.

Според евиденциите на Полициската станица Струга, во текот на минатата година, во Струга случени се вкупно 127 кривични дела во кои сторители  биле 36 малолетници. Оваа бројка за 2008 година изнесува 34 сторители на вкупно 31 кривично дело. На подрачјето на Охрид, во текот на 2009 година се случиле вкупно 29 кривични дела во кои учесници биле малолетници односно 36 кривични дела сторени од малолетни лица во 2008 година.

Малолетните лица биле инволвирани во кривични дела од областа на имотните деликти, во нарушувања на јавниот ред и мир како и во напад на службено лице во вршење на работи од областа на безбедноста.  
 
Инаку, во текот на минатата година, СВР Охрид преку Одделението за превенција, низ сите образовни институции во Струга, го спроведе проектот „Малолетничката деликвенција и насилството кај младите“ како обид за превенирање на насилството, криминогеното и девијантно однесување кај младата популација во мултиетничка Струга.

OhridNews