Тргувањето со акциите на ЕМО АД Охрид и ОХИС АД Скопје, кое беше времено запрено завчера, ќе продолжи на 2 април, на Македонската берза.
Во соопштението од Македонската берза се наведува дека со оглед на фактот дека информацијата за стопирањето на продажбата на државните акции во овие две компании е широко дистрибуирана во јавноста, периодот до 2 април е доволен за пазарот да ја апсорбира информацијата и инвеститорите да ги носат своите инвестициски одлуки согласно новонстанатата ситуација.
Македонската берза времено го запре тргувањето, по одлуката на Владата да ја стопира продажбата на ЕМО и Охис, што требаше да се случи денеска. Наместо на јавно наддавање Владата одлучи овие две компании да ги продава на тендер, за да го елиминира како што беше соопштено, ризикот од продажба на сомнителни фирми.
Стопирањето на продажбата на охридски ЕМО на 48 часа пред јавното наддавање, за Синдикатот за индустрија енергетика и рударство -СИЕР при ЕМО, е неразбирливо и значи продолжување на агонијата на работниците врз чиј грб како што велат од синдикатот, со години се пресметуваат политичките партии.
Во вчерашната реакција, синдикатот изрази сомневање дека повлекувањето од берза на акциите на ЕМО во момент кога тие достигнуваат цена за 30% поголема од номиналната, а интерес пројавуваат и повеќе странски компании, се прави поради изнаоѓање стратешки партнер. Претседателот на СИЕР-ЕМО, Драган Молкоски, смета дека Владата се откажала од продажбата преку берза затоа што на тој начин таа не можела да го бира купувачот, а преку тендер ќе можела да избере партнер по мерка.
Инаку државата на продажба ќе понуди 41,7% од акциите на ЕМО. Од тоа кој ќе ги купи ќе зависи и сопственоста на компанијата со околу 2100 вработени. ЕМО нема доминантен сопственик, 17,09 % од акциите поседува словенечката фирма Грандекс, а околу 20 % се во сопственост на мали акционери. Последен пат ЕМО беше ставен на продажба во 2001 година. Тогаш по дисконтни цени фирмата Арарат од Никшич купи 36,6% од акциите на компанијата, но подоцна Комисијата за хартии од вредност ја поништи трансакцијата која како што беше соопштено тогаш, била направена со криминални пари.
Г. Момироски