Во рамки на своите здравствено-превентивни активности, а како дел од одбележување на Неделата на срцево-садови заболувања (21-28 февруари), Црвен крст Охрид, под мотото „ЗДРАВ ЖИВОТ, ЗДРАВО СРЦЕ“ организира низа активности насочени кон превенција и заштита од срцево-садовите заболувања.
Во соработка со Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св.Стефан“ во Охрид на 24 февруари, понеделник, со почеток во 11 часот во просториите на Црвен крст Охрид Д-р Бранка Милачиќ, специјалист кардиолог во болницата, ќе одржи предавање за ризик факторите, превенција, третман и лекување на болестите на срцето и крвните садови, посочуваат.
Срцево-садовите заболувања се водечка причина за смртност во светот. Според податоците на Светската здравствена организација, секоја година од срцево-садовите заболувања во светот умираат 17,5 милиони луѓе, од кои 7,3 милиони од коронарна срцева болест, а 6,2 милиони од инфаркт. Во Европа околу 50% од сите смртни случаи, се предизвикани од овие заболувања. Се повеќе заболуваат лица помлади од 60 години возраст, односно лица во најпродуктивниот период од животот. Доколку не се преземат соодветни мерки, до 2030 г., 23 милиони луѓе, секоја година ќе умираат од срцево-садови заболувања (главно од срцеви и мозочни удари)
Статистичките податоци од Институтот за јавно здравје на РСМ, покажуваат дека и кај нас повеќе од 57% од смртните случаи се последица на срцево-садовите заболувања. Здебеленост, неправилна исхрана, пушење и физичка неактивност се главните причини за болестите на срцето и мозочните удари кои можат да се забележат во се помлада возраст. Таквите нездрави навики и животен стил се се’ почести меѓу децата и адолесцентите. Токму тоа е период кога со навремени и соодветни постапки може да се насочи развојот на детето во зрела личност, одговорна за своето здравје, здравите животни стилови и со фактори на ризик сведени на најмала можна мерка, додаваат од Црвен крст Охрид.
OhridNews