Не стивнуваат реакциите во јавноста по јавното наддавање за издавање под концесија на петте плажи во центарот на Охрид по огласот што го распиша Општина Охрид.

Два дена по наддавањето на кое беа постигнати вртоглави суми, официјално не се соопштува исходот, односно кој и под кои услови ќе стопанисува со плажите Куба Либре, Кадмо, Потпеш и Канео и каков ќе биде статусот на плажата број 3 непосредно пред Горица, за која не се одржа јавно наддавање.

И додека охридската чаршија плете најразлични приказни, во локалната самоуправа се воздржуваат од коментар додека не заврши целосната процедура бидејќи се’ уште тече тридневниот рок за жалби, кој истекува во понеделник попладне, бидејќи деновите од викендот се неработни.

Како што веќе информиравме, почетната цена на закуп на плажите за метар квадратен беше 1,5 евро, а на наддавањето во средата постигнати беа исклучително високи цени, кои надминале 80, па дури и 100 000 евра за годишен закуп на плажа.

Периодот на закуп изнесува 5 години.

OhridNews