ФБИ објави дека нема да поднесе тужба против Тексашанецот кој во подрумот на својата куќа изградил мини верзија на нуклеарен реактор. Федералните агенти после претресот на неговата куќа во Роквел заклучиле дека нема причина за грижа.
Мајсторот го снимила и телевизиската куќа НБС, но неговата фамилија ја замолила екипата да не му го објавува името. Станува збор за невработен компјутерски стручњак кој редизајнира видео игри, кој за себе вели дека е љубител на науката и е фасциниран од нуклеарните реакции и радијацијата.
Својот последен експеримент, мала нуклеарна реакција, го извел во подрумот од сопствената куќа. ФБИ за необичните експерименти на научникот аматер добиле информација од читател на неговиот блог во кој пишувал дека поседува уран и дека радијацијата во неговата куќа двојно се зголемила.
Нуклеарниот аматер вели дека не планира да повтори такво нешто, па агентите на ФБИ го заплениле мини нуклеарниот реактор и за нив веќе случајот се води како завршен.