Дека прегуграничната соработка помеѓу авторите од Македонија и Албанија е во подем, покажа неодамнешната промоција на збирката раскази „Сто години копнеж“ од охриѓанецот Мишо Јузмески, оддржана во Градската библиотека „Тими Митко“ во албанскиот град Корча.

Неофицијално, информациите говорат дека Јузмески е еден од првите родокрајни творци, чија книга е напишана и издадена на македонски јазик, а промовирана во соседна Албанија.

На некој начин преку границата се пренесува дел од македонското книжевно творештво, наменета за тамошните читатели кои го знаат македонскиот јазик. Истовремено, тоа претставува начин и симболика на воспоставување мост помеѓу две култури. Според информациите кои не мора да се прецизни 100 отсто, ова е прв пат македонски автор да промовира книга во соседна Албанија.“ – вели охридскиот писател, Мишо Јузмески.

Соработка со Македонскиот културен центар „Сонце“ од општина Корча

Како што објаснува Јузмески, соработката со творците, здруженијата и невладините организации од соседна Албанија е воспоставена на различни нивоа, а истата претставува симболика за зацврстување на односите помеѓу двете земји.

Јас лично имам воспоставено односи со поединци од Албанија, без разлика на вера и народност. Конкретно во овој случај, се работи за соработка со една македонска невладина организација од Корча МКЦ „Сонце“. Истата е составена од етнички Македонци, чија примарна цел е промоција на македонската култура. Мора да се напомене дека преку овие воспоставени меѓугранични односи, освен литературно поврзување гледам и едно пошироко значење.“ – објаснува Јузмески.

Во Албанија има писатели кои творат на македонски јазик

Во пограничните делови на соседна Албанија, чие население е составено претежно од етнички Македонци, постојат повеќе автори кои своите трудови и дела напишани на мајчиниот јазик, ги објавуваат во различни списанија.

Постојат неколку писатели и автори на книги од различни стилови, кои пишуваат и творат на македонски јазик. Своите дела ги објавуваат како посебни книги, а некои во склоп на списанија. Како пример, ќе го наведам Спасе Мазенковски, чија проза на македонски мајчин јазик се објавува во разни списанија.“ – вели Јузмески.

На промоцијата „Сто години копнеж“ во Охрид присуствуваа и творци од Албанија

На официјалната промоција на книгата „Сто години копнеж“ оддржана пред нецели две седмици во КИЦ „Култура 365“, покрај културните дејци од охридско-струшкиот регион, присустуваше и претседателот на Поградечката секција од Македонското друштво „Преспа“.

Продолжуваме со соработката со сите оние кои сакаат да ја развијат културата. Имаме воспоставено пријателски и продуктивни односи со различни друштва и организации од Албанија. Пред се тоа се Македонци, но работиме и со Албанци, бидејќи јазикот не претставува никава бариера за воспоствување и развивање на културните односи помеѓу двете земји.“ – вели Јузмески.

Реиздание на македонско-албанскиот речник

Пред неколку месеци беше промовирано изданието на веќе постоечкиот македонско-албански речник, чиј автор е познатиот учител од Албанија, Никола Беровски.

Речникот за прв пат е издаден од авторот Никола Беровски, учител кој целиот животен век го поминал во македонските училишта во Албанија. Реиздаден е за потребите на Македонците во соседната земја, пред се за тие кои живеат во селата околу Преспанското Езеро. Всушност се работи за некомерцијално издание, кое преставува можност за новите поколенија да го усовршат или научат мајчиниот јазик.“  – објаснува нашиот соговрник.

O.T.