Тече рокот за собирање потписи на кандидатите за претседател на претстојните избори. Согласно роковникот на Државната изборна комисија истиот трае до 8 март. На седмите избори за претседател на државата закажани за 24 април во трка се вкупно 13 имиња за кандидати.
Во Подрачното одделение на ДИК во Охрид се собираат потписи за десет кандидати, Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ-За Наша Македонија, Стевчо Јакимовски, лидер на ГРОМ, Вело Марковски, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска од Левица, Ѓорѓи Манасков, Господин Поповски, Арбен Таравари од албанската опозициска коалиција ВРЕДИ, Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) и Зорица Цветковска. Вкупно има досега собрано околу 400 потписи, информираат од Подрачното одделение на ДИК во Охрид.
Напоменуваат дека како и во останатите подрачни одделенија постапката за собирање потписи трае непрекинато секој ден.
Подрачното одделение работи секој ден во две смени, од 8 до 20 часот, додека последниот ден на 8 март ќе работи до 24 часот, додаваат.
Според најновите објавени податоци на Државната изборна комисија (ДИК) заклучно со вчерашниот ден, на ниво на држава, вкупно 24.830 граѓани дале потпис за подносителите на кандидатура за претседател на државата. Според објавените податоци на ДИК, досега никој од кандидатите за шеф на државата ги нема собрано потребните 10 илјади потписи од граѓаните.
Според пресекот на ДИК, најмногу потписи има Бујар Османи, кандидат на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за кого се потпишале 8.560. Втор на листата е лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски со 5.923 собрани потписи. Кандидатката поддржана од партијата Левица, Билјана Ванковска-Цветковска има собрано 4.478 потписи, а кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски има 3.091 потписи.
Сите останати на листата од 11 кандидати за шеф на државата имаат по помалку потписи – кандидатот на опозицискиот блок „Вреди“, Арбен Тарвари има 1.645 потписи, Вело Марковски 433 потписи, Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачки демократски сојуз има 523, Ѓорѓи Манасков – 93, Зорица Цветковска – 74, Господин Попоски има 10 потписи. Според податоците од ДИК, во овие три дена, ниту еден потпис нема за кандидатот Томе Николоски.
Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.
Н.С.Ј