Вкупно 242 пензионери од Македонија во текот на претстојниот викенд ќе одмараат во Охрид како дел од проектот на Владата за бесплатен туристички викенд. Тие се дел од првата група на пензионери кои ќе ја искористат оваа можност.

Според списокот на корисници кој деновиве го објави Министерството за труд и социјална политика, пензионерите ќе бидат сместени во Извидничкиот хотел во Далјан и во хотелите „Амбасадор“ и „Дипломат“.

Втората група на пензионери ќе престојува на викенд во Охрид од 27-ми до 29-ти март, а третата група е планирана во периодот од 3-ти до 4-ти април. Освен во Охрид, во рамки на пролетната програма, по три групи на пензионерите ќе одат на бесплатен викенд и во хотел „Полин“ во Дојран и во во хотел „Лаки Вју“ во Отешево.

Со проектот Бесплатен туристички викенд е планирано да се опфатат до 3.000 корисници на пензија, односно лица – корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија. Викенд престојот вклучува услуга од 2 полни пансиони и автобуски превоз до хотелскиот објект.

Приоритет е даден на пензионерите коишто имаат понизок износ на пензии, лицата кои се подолго време во пензија, пензионерите кои пред пензионирањето работеле во рудници со подземен ископ и на пензионерите кои се корисници на инвалидска пензија со утврден повисок процент на инвалидност, односно над 80 отсто, лицата корисници на право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице,  додаток за мобилност и додаток за слепило.

OhridNews