Центар за култура „Григор Прличев“
Од 28.06.2019 - 20:00 до 28.06.2019 - 21:30
Петок, 28-ми јуни, на репертоар на охридскиот Народен театар е претставата „Каде е пиштолот?“ од унгарски автор Габор Ѓоргеј во режија на Дејана Николовска. Во претставата играат: Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев, Стрезо Стаматовски.
„Каде е пиштолот?“ е модерен сатиричен текст со силна егзистенцијалистичка позадина, создаден во седумдесеттите години од минатиот век. Во својата срж текстот се занимава со човековата дуална природа, играјќи помеѓу позициите на опресор и потчинет низ петте ликови кои го носат дејствието. Зборот „пиштол“ предложен уште во насловот не е ништо друго туку театарски знак, систем на апстракции, симбол на моќта на насилство – кого ликовите го користат за да ги тероризираат останатите. Местото на дејство е затворен простор , во кој гледаме четири луѓе што седат и петтиот како вперува пиштол во нив. Четири од нив секогаш сакаат да излезат надвор од собата, а петтиот секогаш ќе се чувствува добро внатре. Тоа е оној кој е со пиштолот. Изворот на сите проблеми е токму тој – пиштолот. Пиштолот би можел да има и понаква намена, но не во овој случај. Tажно e, но овде не е можно да живеете без пиштол!
Картите по цена од 200 денари се пуштени во продажба на билетарата при НУЦК “Григор Прличев”. Почеток на претставата е 20.00 часот.Телефон за резервации 046/261-063, 075/283-066