Jazz Inn
Од 14.07.2023 - 22:00 до 15.07.2023 - 01:00
Taxi Consilium (Филип Букршлиев – гитара, Благојче Томевски – бас кларинет, Андреа Мирческа – контрабас и Драган Теодосиев – тапани) е спиритуално присоединување на четири озогласени арамии од болникавиот македонски џез етер и сите други офтикави форми на музичка експресија (членови на: Cobalt Code Unit, Yordan Kostov Quintet/Ensemble, Filip Burkshliev Trio, Fighting Windmills, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Shock Troopers, Пијан Славеј, Dina Jashari & Drugari), поведени од вечната мудрост на искусните таксисти: моторизираните урбани бессоносци и поети на асфалтниот егзодус, eminences grises кои што како предвесници на исходи слепи и неминовни, се сноват по пустите градски улици во 3 часот по полноќ.
Како виежот на осамениот бас кларинет кој им свири контрапункт на звуците на обљуба што преку ѕидот се слушаат од соседната соба. Точно онака како што Ерик Долфи би звучел кога би бил лик од роман на Томас Пинчон.
Неоправдливо декадентна и умерено злосторничка, ова е омилената музика на сите ништожници, чудаци, параноици, практикувачи на трансцедентална медитација, заговорници за кармичко прилагодување, препродавачи на половни возила и емисари на црниот пазар; истовремено пулсирајќи како шашавите сновиденија на одамна пензиониран циркуски акробат и нежното предење на невротичен буржој за време на пладневната дремка, додека во позадина свири “Far East Suite” од Дјук Елингтон, ама наопаку.
Ова е џез како што треба да биде: непослушен, непримерен, недефиниран и небезбеден. Сенки и испарувања, злокобна смеа во далечина. Малициозно стврднување под долгиот мантил во сомнително мрачно сокаче.
Концертот е петок во Џез Ин со почеток во 22:00 часот.
OhridNews