Со отворање на ИПА ВЕЛО ЕКСПО и ИПА ВЕЛО штанд на 07.06.2024 година (петок) во 19.30 часот на градското пристаниште во Охрид, Интернационалната полициска асоцијација (ИПА), регион Охрид, го започнува годинешниот ИПА ВЕЛО ВИКЕНД „НА ТОЧАК, ОХРИД И СТРУГА ДА ВИДАМ“.
Тука, пријавените учесници, ќе можат да си ги подигнат своите ИПА ВЕЛО сетови, а во рамките на кампањата, на 08.06.2024 година (сабота) од 08 часот, отпочнува рекреативната велосипедска тура Охрид-Струга-Радожда. ИПА вело турата Охрид – Струга – Радожда, постанува се поатрактивна за вљубениците во рекреативниот велосипедизам а годинава, свое учество пријавија над 100 учесници од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија. Претходно, на велосипедската тура учество зедоа и велосипедистите Александар Стојков, Лазо Миноски, Владимир Секулоски и Кирил Марковски од Скопје, кои секоја година ја возат вело турата „Вера тур“ низ Македонија, Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора и Албанија, велат од ИПА Охрид.
Со ова вело возење, ИПА Охрид, по осми пат ја афирмира идејата за велосипедско поврзување на двата крајезерски града Охрид и Струга, со современо уредена, безбедна и функционална велосипедска патека.
Денеска, кога државите градат велосипедски автопати, крајно време е, и во Охридско-струшкиот регион на Македонија, да имаме безбедни вело патеки а не, да возиме покрај автомобилите, автобусите и камионите, ставајќи се во сериозна и опасна ситуација како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Не сакаме повеќе жртви-велосипедисти на нашите небезбедни патишта, на кои нема ни трага ни глас од современи вело патеки. Кампањата има за цел, да ги поттикне надлежните од двата крајезерски града- идеални места за велосипедизам, конечно и сериозно да пристапат кон проект за меѓусебно велосипедско поврзување и изградба на безбедна вело патека означена со современа хоризонтална и вертикална сообраќајна велосипедска сигнализација, посочуваат.
Охрид и Струга како атрактивни туристички центри во Македонија, потенцираат од ИПА Охрид, треба многу повеќе да направат за ширење на мрежата на велосипедски патеки што силно ќе ги подигне на балканските и светските вело туристички мапи, ќе се збогати туристичката понуда, ќе се привлечат многу повеќе туристи што ќе е огромен бенефит за охриѓани, стружани, за хотелско-туристичките работници, за рент а бајк агенциите и секако, за туристите од Македонија и светот.
Возењето велосипед е љубов, спорт, потреба, рекреација, незаборавна авантура и неповторливо доживување, додаваат од ИПА Охрид.
OhridNews