Секое дете заслужува да му се пружи љубов. Убаво е да се помогне на било кое дете кое нема семејство, да му покажеш љубов, да го сакаш, велат Анкица и Лазе Крстаноски на денешниот настан во рамки на кампањата „Подај рака и промени живот, стани згрижувач” во Охрид.

Семејството Крстаноски веќе единасет години се згрижувачи и велат треба да си хуман за оваа работа, а од институциите ја добиваат потребната поддршка.

Во моментов имаме згрижено три дечиња, имавме четири, но едното веќе наполни 18 години. Многу сме среќни што имаме повеќе дечиња од различни родители, но и со различни карактери. Љубов им даваме на сите. Ние имаме и наше дете, но сите се наши, исти како нашата прнцеза, додава Крстаноска.

Јасминка Кочанковска психолог во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства од Битола вели дека децата кои немаат можност да растат со биолошките семејства треба да се потрудиме да растат најблиску до биолошките семејства, во семејства каде покрај храната, грижата, облеката, ќе добијат и безбедно и сигурно место затоа што само така ќе можат да се развиваат, растат и да станат самостојни индивидуи членови на нашето општество.

Се надеваме дека информацијата која ќе ја добијат житлеите на Охрид, ќе стигне до нивните срца, за да се вклучат во мрежата на згрижувачки семејства, кои се потребни и неопходни за децата кои останале без родителска грижа. Охрид има 8 згрижувачки семејства од кои 5 се роднински и три се општи, а во истите се згрижени 11 деца. Интересот за згрижување постои, но неможеме да кажеме дека е толку голем колку што знаеме дека се хумани нашите луѓе и колку што има потреба општеството да вдоми деца, вели Кочанковска.

И Општина Охрид се вклучи со поддршка на оваа иницијатива, а градоначалникот Кирил Пецаков потенцираше дека не само државата, туку и локалните самоуправи треба да размислат како би се вклучиле со поддршка.

Врз основа на состанокот кој што го имавме како локална самоуправа одлучивме во наредната година во Програмата за социјална заштита, покрај сите работи кои несомнено ги направивме за ранливите категории во изминатава година, да имаме и финансиски надоместок за децата во згрижувачките семејства, еднократен во износ од 15 000 денари, кој ќе биде одлучен на Советот на седница околу 10 декември кога ќе се носи буџетот, рече Пецаков, додавајќи дека ова е уште еден потег на локална самоуправа дека посветува внимание за ранливите категории граѓани.

Александра Мојсова специјалист за застапување и комуникација од СОС Детско село истакна дека националната кампања започнала на 1 јуни и за годинава е планирано да биде презенирана во 26 општини.

Една од главните алатки за промоција и добивање на полесен пристап за информации е телефонската линија 075 277 447 која е отворена постојано и граѓаните може да добијат информации за згрижување. Тука е и веб страната http://www.zgrizuvanje.mk. и фб страната zgrizuvanje.mk каде се наведени сите информации за процесот, условите, бенефитите, трајниот надомест, месечниот надомест. Сметаме дека Охрид има уште поголем потенцијал и можности согласно потребите да згрижи уште повеќе деца, вели Мојсова.

Додаде дека од следната година се планирани вакви активности на годишно ниво за промоција на згрижувањето како еден многу позитивен процес.

Националната кампања се спроведува од страна на СОС Детско село, во соработка со Центрите за поддршка на згрижувачки семејства ,,11 Октомври” и ,,Битола”, Министерството за труд и социјална политика и локалните самоуправи, а овозможена е од страна на Германското министерство за економски развој и соработка.

Н.С.Ј.