Судскиот процес против британскиот државјанин Николас Морли, ќе продолжи денеска во Основниот суд во Струга. Судењето на првиот ден од процесот, во петокот,  беше прекинато на барање на одбраната на обвинетиот. Адвокатите на Морли изразија сомневање во исправноста на извештајот на судскиот вештак, Миле Попоски, врз кој се темели обвинението дека Морли како учесник во релито “Гамбол“ 3000, со своето „порше“ возел со 161,6 километри на час, на место каде дозволената брзина била 60 км/ч, со што ја предизвикал несреќата на 2 мај во која настрадаа сопружниците Владимир и Маргита Чепуњоски.

Одбраната презентираше извештаи од две независни вештачења, едниот на експерт од земјава, другиот на британската агенција ТРЛ Лимитед , според кои Морли возел со 75 км/ч, а несреќата ја предизвикало возилото „голф“ во кое се наоѓале настраданите, бидејќи непрописно се вклучило на главниот пат Струга – Ќафасан. Поради тоа одбрана побара соочување и споредба на трите вештачења.

Сепак најголем пресврт претставува барањето за ослободување од обвинението на Морли, што во име на семејството на настраданите го изнесе адвокатот Ѓоко Томовски. Семејството смета дека младиот Британец не ја предизвикал намерно сообраќајната несреќа и дека „и тој страдал доволно во целиот случај“ поради што Чепуњоски се откажуваат од оштетното побарување.

Инаку Морли кој се товари за предизвикување на тешки дела по безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот за што е предвидена казна затвор од најмалку 4 години, во својот исказ на почетокот од судењето  рече дека не се чувствува виновен, но жали за загубените животи.
 
Судскиот процес што го води судијата Аце Петрески продолжува денеска, кога би можело да бидат изнесени и завршните зборови на обвинителството и одбраната.