Најмалку десет лица ги загубиле животите во саботата на источниот брег на САД, кој беше погоден од силниот ураган Метју, пренесуваат агенциите, јавува „Макфакс“.
Пет лица смртно настрадале во сојузната држава Флорида, а уште три во Северна Каролина. Две лица загинале во округот Булок во сојузната држава Џорџија, кога врз нивната куќа се урнале стебла, објавија официјални извори.
Ураганот Метју е најголемата бура којашто ги погоди САД последните десет години. Од своите домови поради тоа беа евакуирани илјадници жители.
На Хаити во бурата загинаа 900 луѓе, а во Домениканската Република четири, додека ураганот во последните неколку дена се движеше кон север.
Метју, кој и натаму се качува кон север, ослаби на јачина на ураган од прва категорија. Иако послаба од изминатите денови кога ги разори Кариби, најсилната бура од Атлантикот од 2007 година, зад себе остави големи штети од поплавите и ветрот на Флорида, за пота да кршне кон брегот на Џорџија и кон Јужна и Северна Каролина.
Американските власти сега повеќе стравуваат од порастот на водостоите, до три метра во некои области, отколку од ветриштата кои претходно достигнуваа и брзина од 230 километри на час. Во саботата беше предупредено дека секој четврти смртен случај во текот на тропските урагани во САД се поврзани со порастот на водите по силните дождови.
OhridNews
извор: „Макфакс“