Утре истекува последниот рок за аплицирање на Јавниот оглас за вработување кој го објави охридската Локална самоуправа преку Агенцијата за администрација за прием на 14 нови државни службеници.

Според јавниот оглас општината ќе вработи еден Виш референт за архивско и канцелариско работење, двајца Соработници за следење и донесување урбанистички планови, двајца Помлади соработници за донесување на урбанистички планови, еден Соработник за правни работи од областа на урбанизмот, еден Виш соработник за следење и реализација на проекти, еден Соработник за туризам и угостителство, еден Виш референт – администратор, еден Соработник за прибирање и обработка на податоци од областа на културата, еден Помлад соработник за културна соработка и еден Соработник за прибирање и обработка на податоци и информации од областа на основното и средното образование.

Освен за овие работни места, во рамки на јавниот оглас се бара и Раководител на одделение за инспекциски надзор – Инспекторат како и Раководител на Секторот за туризам и локален економски развој.

Месечните примања за работните места се движат од 14.100 денари до 34.930 денари по вработен.

Покрај посебните услови за секое работно место, предвидени во Правилникот за систематизација на работните места на општина Охрид заинтересираните кандидати треба да ги исполнуваат и општите услови за вработување на државни службеници, предвидени во членот 13 став (2) од Законот за државни службеници.

Заинтересираните кандидати можат да поднесат Пријава за вработување нa државен службеник преку електронска апликација или во писмена форма преку писарницата на Агенцијата за администрација.

-Уредно пријавените кандидати на јавниот оглас, ќе бидат известени за времето и местото на одржување на испитот за државен службеник и за достапноста на материјалите за подготовка на кандидатите за полагање на испитот. По полагањето на испитот за државен службеник со петте најуспешни кандидати за секое работно место, односно извршител, се спроведува структуирано интервју во рок од седум дена по полагањето на испитот, пишува во јавниот оглас.

Врз основа на резултатите од образованието, од испитот и интервјуто, Комисијата за селекција објавува ранг-листа на тројцата најуспешни кандидати кои во рок од пет дена се тестираат со единствен психолошки тест со аспекти на интегритетот на личноста на кандидатот, односно може да се тестираат со тест батерија составена од психолошки тест и тест за интегритет, а трошоците за тестирањето паѓаат на товар на кандидатот.

Е.М