Поради зголемен број на заболени лица од мали сипаници-морбили во општина Струга прогласена е епидемија на морбили.
Во Подрачното одделение на Центарот за јавно здравје во Струга до сега пристигнале 24 пријави на заболени лица. Од нив шест се деца на возраст под 12 месеци и кои не подлежат на вакцинација, а останатите се возрасни. За среќа сите заболени се со лесна клиничка слика, како што велат од Центарот за јавно здравје, затоа што претходно биле вакцинирани.
- Сите се со многу лесна клиничка слика, некои од нив имаат малку зголемена температура, осипот е оскуден, само мал број од нив имаат осип на целото тело. Нема хоспитализирани лица, само малите деца, но и тие сега се дома и се во добра состојба, вели Јованка Штурлакова-Коровешоска од охридскиот Институт за јавно здравје.
Коровешоска со апел до родителите да извршат вакцинација на децата според вакциналниот календар, како што вели, бидејќи тоа е најдобрата заштита од заразните болести.
Периодот на инкубација е од десет до дванаесет дена, па така во наредните денови се очекува зголемување на бројот на заболени лица.
Се препорачува сите здравствени установи да имаат појачана дезинфекција на просторот и опремата, а здравстевните работници да носат лична заштита- ракавици и маски.
Дезинфекција и често проветрување на просториите се препорачува во сите предучилишни и училишни објекти, затоа што вирусот освен со директен контакт може да се пренесе и индиректно, затоа што опстојува и до два часа на отворен протор.
Заболените мора да се во изолација за да не дојде до ширење на заразата.
Коровешоска потенцира дека процентот на вакцинација во општините Охрид, Струга и Дебар е одличен и се движи над 89%.
OhridNews