Охрид во октомври оваа година ќе биде домаќин на Светската конференција за мир меѓу народите и религиите. На конференцијата што ќе се одржи по иницијатива и покровителство на премиерот Никола Груевски ќе учествуваат неколку стотини државници, министри, политичари, верски поглавари и експерти од голем број земји во светот.
Во рамките на подготовките на конференцијата охридскиот писател Јордан Плевнеш, инаку амбасадор во УНЕСКО, во придружба на директорот на бирото за развој при УНЕСКО, оствариле повеќе дипломатски контакти со учесници на меѓународната манифестација “Дијалог меѓу цивилизациите“, што се одржува во Хвана – Куба.
Обраќајќи се кон меѓународната асамблеа, Дорвил истакна дека овој голем собир повторно ќе и го даде историски заслуженото место на Македонија, како лидер во регионот за меѓуцивилизацискиот дијалог, кој е основа на универзализмот на македонската култура, соопшти Плевнеш.
Инаку Јордан Плевнеш заедно со Драган Даутовски на собирот во Хвана ја претставуваат македонската култура .Македонскиот музички уметник Драган Даутовски настапи во Интернационалниот оркестар на традиционални инструменти на меѓународната манифестација „Дијалог меѓу цивилизациите низ културата“ и одржа , предавање на Меѓународниот институт за музички уметности на Универзитетот во Хавана каде ги презентираше главните карактеристики на македонската музика.
Во својство на потпретседател на интернационалната асоцијација на УНЕСКО, Плевнеш на меѓународниот саем на книгата и на трибината посветена на дијалогот меѓу цивилизациите ја претстави македонската култура и нејзините трезори во европскиот и во светскиот духовен простор.