Од неексплодирани убојни средства (НУС) во општината Охрид до денес настрадале 89 лица од кои 12 загинати, 34 тешко и 43 лесно повредени лица. Овие случаи се забележани пред се до 1965 година, односно после Втората светска војна.
Инаку во Охридско се среќаваат и мини и гранати од Првата светска војна, особено на планината Галичица и во езерото. Таму била линијата на фронтот, а при повлекувањето на силите на Централната Оска, голем број мини биле фрлени и во Езерото.
На овие средства треба особено да се внимава бидејќи некои од нив содржат и бојни отрови кои се користеле во оваа војна.Таквите гранати на врвот имаат прстени во боја, предупредуваат експертите. Најмногу неексплодирани убојни средства од постар датум во охридско се среќаваат на планината над с.Пештани, во Езерото, како и на планината Галичица.
Крај брегот кај с. Пештани (плажите и под вода) има гранати од105,120,122 мм и минифрлачки мини од 60 и 80 мм. Овој простор е добро истражен и обележан за разлика од планината над Пештани каде исто така се среќаваат неексплодирани убојни срества од ист тип.
Гранати од105,120,122 мм, минифрлачки мини од 60 и 80 мм и куршуми има на планината Галичица на потегот од Поле-Лако-Сигној-Томорос-Голем Рид, и во водите до брегот на потегот помеѓу Трпејца и Градиште. И овие две посочени локации се слабо истражени. Информацијата за состојбата со неексплодирани убојни средства ќе се најде пред Советот на општината на утрешната седница на која ќе биде разгледана проценката на загрозеност на територијата на општина Охрид од природни непогоди епидемии , епизоотии, епитофии и други несреќи и мерки за заштита и спасување.
Г. Момироски