Вкупно 12 извидници од категоријата „Ровери” од седум извиднички одреди од Македонија добија практична едукација во рамки на Школата за преживување и безбеден престој во природа која се реализiраше од 15-ти до 19-ти октомври на територијата на општините Охрид и Дебрца.

Оранизатор на оваа школа беше Сојузот на извидници на Македонија со поддршка на охридскиот Извиднички одред „Пионер“.

Во рамки на школата биле спроведени обуки врз основа на реалните потреби и ситуациии кои што произлегуваат од секојдневните глобални случувања, движења на луѓето низ природата од рекреативен или неопходен карактер.

-Извидниците преку практична работа за период од 100 часови поминати под ведро небо во исклучително променливи временски услови на потегот од село Требеништа преку село Скребатно па се до Охрид, на патека долга околу 58 километри, стекнаа вештини во препознавање и начин на избор на безбедно место за престој во природа, контрола и самоконтрола, изградба на времени живеалишта, пронаоѓање на ресурси за исхрана во природата, ориентација во густостеблеста шума како и на подрачје со голема висинска разлика. Исто така стекнаа и познавање и практични вештини околу помош и самопомош при настаната повреда во дивината, препознавање на растенија, инсекти и животни безбедни за исхрана како и начини на прочистување на вода и подготовка на истата за пиење, информираат од Извидничкиот одред „Пионер“.

Оттаму додаваат дека школата придонела за зближување на учесниците, размена на искуства како и за зајакнување на старите и стекнување на нови пријателства, како и за запознавање со природните богатства oд овој дел на Македонија.

Инаку Сојузот на извидници на Македонија е веќе вклучен во планирање и проширување на оваа активност со вклучување на повеќе надворешни учесници како и меѓународниот фактор градејќи стратегија за традиционална регионална едукација.

OhridNews