Здружението на инвалиди на трудот од Охрид и Дебрца со пригодна свеченост денеска го одбележа 3-ти Декември -Меѓународниот ден на лицата со хендикеп.


– Ризикот да се стане трудов инвалид го прави здравиот човек уште од првите денови на неговата работна активност. Во општините Охрид и Дебрца  денес има околу 1800 лица со општа и професионална неспособност за работа, а во Македонија таа бројка достигна 50.000.Основна цел на Здружението на инвалидите е да ги обедини сите лица со хендикеп заради заедничко делување и остварување на своите права пред институциите, истакна Благоја Крстаноски – претседател на Здружението на инвалиди на трудот од Охрид и Дебрца.


Лицата со инвалидитет упатија критики до државата за висината на инвалидината која ја примаат лица со 60-70% телесно оштетување, кое се движи помеѓу 400 и 500 денари, што е минимална сума и треба да се зголеми.


Директорот на Центарот за социјални работи Екрем Каљоши, кој присуствуваше на свеченоста,  истакна дека институцијата и надлежното министерство прават напори да им помогнат на трудовите инвалиди. Тој посочи дека врз основа на претходна категоризација на лицата со инвалидитет баратели на помош, до 26 години тие ги остваруваат правата преку детска заштита во висина од 3700 денари, а по 26-та година корисниците добиваат надоместок за нега во висина од 4200 денари.


– Освен оваа форма на заштита, Министерството за труд и социјала изнаоѓа и други форми на помош за овие лица, како што се програмите за лекување и рехабилитација. Во другите градови, но за жал засега тоа не е случај и со Охрид, има и целодневен или 8-часовен престој на лицата со хендикеп. Се надеваме дека структурите во општината и државата ќе изнајдат сили и средства за отворање еден таков центар и во Охрид, рече Каљоши.