Во Гимназијата во Охрид ќе биде отворен Светски центар за хуманизам каде ќе се доделува наградата за хуманизам, што градот Охрид ја востанови неодамна.

Прв добитник на светското признание за хуманизам е големиот јапонски писател и хуманист Даисаку Икеда кому наградата ќе му биде врачена на Светската конференција на лидерите на религиозните заедници што наесен ќе се одржи во Охрид. Во чест на добитникот на наградата во гимназијата ќе биде отворена и изложба на јапонски уметнички дела.


ќе прерасне во Светски центар на хуманизмот-Гимназијата во Охрид

„Светската награда за хуманизам ќе се доделува секоја година во Охрид на истакнати имиња на светската хуманистичка, филозофска, политичка и уметничка мисла“, вели македонскиот амбасадор во УНЕСКО, Јордан Плевнеш, еден од иницијаторите за воспоставување на светската награда за хуманизам во Охрид.

Прекрасниот простор на кровот од охридската гимназија  би можел да биде идна куќа на светскиот хуманизам бидејќи она што Охрид го носи како еден вид хронологија на светскиот хуманизам од неговото основање, од тој љубовен митски пар меѓу Кадмос и Хармонија, преку патувањето на Светиот Апостол Павле и преку основањето на средновековната школа на хуманизмот од Свети Климент и Свети Наум, на овој град ќе му даде едно ново, би рекол ренесансно место во тековите на светскиот хуманизам“, вели Плевнеш.


просторот каде ќе биде изгрдаен светскиот центар за хуманизам

На  19 јануари за време на фрлањето на крстот во водите на Охридското Езеро кога Охрид пружа една фасцинантна слика ќе биде прогласуван новиот добитник на светската награда за хуманизам, најавува Плевнеш.

По изложбата што ќе биде отворена во октомври и по етаблирањето на Светска куќа на хуманизмот секоја година ќе се додаваат голем број мисловни и цивилизциски артефакти кои доаѓаат од земјата на новиот добитник. Во таа смисла гимназијата што како слика на европскиот неокласицизам е изградена пред еден век во Охрид ќе добие едно прекрасно место во она што денеска се нарекува меѓународен пејзаж на хуманизмот, вели Плевнеш.


Јордан Плевнеш и Јошио Шиба од меѓународната јап. фондација

По неодамнешната посета на  македонска делегација на Јапонија и средбата со   Даисаку Икеда на кого му беше предадено писмо, покана,од премиерот Груевски, викендов во Охрид претстојува делегација на Интернационалната фондација на Икеда, која работи на создавање на меѓународни културни вредности, која најави дека ќе донира средства за изградба на светскиот центар за хуманизам во Охрид.

Јапонската делегација го разгледа просторот во кровот на Гимназијата што неодамна беше обновен и изрази подготвеност да помогне во неговото уредување во Светски центар на хуманизмот.

Горан Момироски