Здружението за заштита на животни „Анималиа“ во текот на минатата седмица за прв пат во Охрид започна да ја изведува Програмата за стерилизација и обележување на бездомните кучиња кои поради малиот капацитет на Прифатилиштето за згрижување на бездомни животни, не можат да останат таму долго време.
Како што информираат од „Анималиа“ засега се стерилизирани две кучиња кои се вакцинирани, обележани со маркица на едното уво и веќе се пуштени на слобода.
-Се работи за кучињата Хаси и Васка, кои долго време беа во прифатилиштето и на кои за жал не успеавме да им најдеме дом. Тоа се премили кученца и воопшто не се опасни. Ги молиме граѓаните да не ги повредуваат и доколку можат да ги хранат или ако имаат можност да ги вдомат. Моравме да преземеме, ваков чекор бидејќи немаме капацитет за да прифатиме покритични кученца, а бевме приморани и под влијание на ветеринарниот инспекторат да ја намалиме бројката со оглед на можностите и условите. Исто така премногу долго ги чувавме во транзитниот центар за кој се уште чекаме дозвола од општина Охрид за да официјално го отвориме. Нема место за сите кучиња во прифатилиштeто, ниту пак проблемот со прекубројноста на кучињата може да се решава со нивно затворање во прифатилишта, велат од „Анималиа“.
Оттаму објаснуваат дека планираат и во иднина да ја применуваат праксата наречена „Залови, Стерилизирај, Вакцинирај, Обележи и Врати на местото на заловување“.
-Само оваа практика се покажува за одржлива, крајно хумана и вистинска во поглед на решавање на проблемот со бездомните животинки. Пракса која бара доста финансии и со која не се прекршува Законот за заштита и благосостојба на животните. Со оваа пракса на улица се создава категорија на здрави, репродуктивно неспособни единки, со смирен хормонален статус, обележани и познати на населението, вакцинирани и здрави, појаснуваат активистите на „Анималиа“.
Тие напоменуваат дека во случај на дислокација на овие истретирани кученца на депонии или во случај на нивно труење, ќе бараат целосна одговорност од општината Охрид, бидејќи таа е институцијата која треба да придонесе кон целосно почитување и применување на законската регулатива во делот на оваа проблематика.
OhridNews