Во Институтот за филмска уметност во Охрид денеска започна дводневниот Меѓународен филмски фестивал за млади „Џифони“ во кој ќе бидат вклучени околу 130 средношколци од сите четири средни училишта од Охрид. Овој дводневен настан е дел од проектот „Џифони патува“ и има за цел да го прошири културниот производ „Џифони“ низ Македонија.

На свеченото отварање на фестивалот присуствуваше и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, кој истакна дека локалната самоуправа континуирано дава поддршка на ваквите настани.

-По завршувањето на овај меѓународен филмски фестивал, се надевам дека кај дел од учесниците ќе се јави желба своето образование да го продолжат во светот на филмот. Сега тоа им е подостапно, откако Министерството за образование во соработка со престижниот Прашки факултет за филмска уметност во Охрид го отворија Институтот за филмска уметност. Филмската индустрија е можеби единствената област каде што преку својата работа најлесно можеш да поттикнеш одредени промени во општеството, рече во рамки на своето обраќање Бакрачески.

Директорката на „Џифони Македонија“, Елена Величковска рече дека форматот на фестивалот е многу посебен и ги вклучува децата не само како публика туку и како активни учесници во процесот на режирање на филмовите.

-Ова е еден голем проект каде што учесниците кои се на возраст од 14 до 18 години ќе гледаат филмови по што ќе следи дикусија за тие филмови, модерирана од страна на експерти од областа и на тој начин младите сами ќе доаѓаат до одговори. Исто така тие ќе учат што е техника на снимање, како се снима, а ќе се запознаат и со интересни аспекти од филмската музика. Во попладневните часови ќе имаат можност да бидат дел од едукативни работилници кои вклучуваат филм, фотографија и филмски жанрови, појасни Величковска.

Во рамки на проектот „Џифони патува“ до сега биле вклучени околу 700 средношколци од Македонија од три возрасни категории. Охрид е последниот град домаќин на овој фестивал, кој во текот на оваа година гостувал и во Прилеп и Битола.

OhridNews