Охрид од денеска е домаќин на дводневниот научен собир што го организираат македонската и руската академија на науките и уметностите во рамките на проектот за проучување на врските и односите помеѓу Русија и Македонија.
На годинешниот собир на академиците ќе се излагаат реферати посветени на заемните врски помеѓу Русија и Македонија во периодот од Првата светска војна до формирањето современа македонска државност (1914-1944).
“Македонско-руските врски се милениумски, разновидни и континуирани. Нивното истражување е значајно не само за историјата и културата на двата народи, туку и за разбирањето на важни цивилизациски процеси. Тие се битни како за државната, така и за црковната историја на Македонија и Русија”, рече на отварањето, академик Блаже Ристовски. Тој подвлече дека за нас особено значење имаат руско-македонските релации во 19 и 20 век, посебно нашата современост која се развива веќе како историска категорија.
Академик Гане Тодоровски, член на претседателството на Македонската академија на науките и уметностите рече дека иако овој научен собир се одвива веднаш по завршувањето на Меѓународниот славистички конгрес, сепак не е од занемарливо значење. ” Свесни сме дека и во мал состав со многу право и многу обврски, можеме да продолжиме со овие средби во име на едни здрави принципи, соработка и разбирање на двете научни средини”, додаде академик Тодоровски.
За Елена Јурјевна Гускова од Институтот за славистика на Руската академија на науките овој собир има огромно значење. Таа денеска ја изрази радоста што истражувањата од областа на историјата, но и од другите сфери на општествениот живот ги продолжуваат младите кадри.
Македонско-рускиот научен собир се одвива во рамките на проектот за проучување на врските и односите помеѓу Русија и македонија, склучен во 1993 година помеѓу македонската и руската академија на науките и уметностите.
А. Ристоска