Осум екипи составени од 32 натпреварувачи учествуваат на Државното  екипно првенство во контракт-бриџ што во организација на Македонската бриџ федерација викендов се одржува во Извидничкото одморалиште во Охрид.

Турнирот трае два дена, а победникот се утврдува според меѓународните правила за бодување. Вчера се играа по седум дуели, односно сите екипи меѓусебно ги одмерија знењата, додека денеска се играат дуели врз принципот првопласираната екипа од вчера со второпласираната, потоа третопласиранаата со четвртопласираната и така натаму. Потоа натпреварите продолжуваат на ист начин, се до добивањето на победниците.
 
Екипното првенство во бриџ традиционално се одржува во септември во Охрид, додека во јуни во Маврово се игра државното првентсво во парови. Во Македонија на ниво на клубско играње оваа игра за која сите познавачи велат дека маѓепсува се игра од 1991 година.  

Инаку, во бриџот натпреварувачите не остваруваат поединечни, туку резултати во парови, односно клубови, а самото име на играта што во превод значи „мост“, го симболизира односот на координација на партнерите по паровите. Правилата се насочени кон тоа да се избегне влијанието на среќата. Во домашната варијанта (рабер-бриџ) каде што играат само четворица, среќата има удел од 60 отсто, во турнирска варијанта 40, додека во ваквите тимски натпревари само еден процент од успехот се потпира врз среќата.

Ohridnews