Со указ на претседателот Бранко Црвенковски во пензија заминува командантот на здружената оперативна команда на АРМ, генералот Атанас Јовчески, а на негово место е поставен генерал-мајорот Зоран Димов. На свеченоста што денеска се одржа во вилата Билјана во Охрид во заменик на здружената оперативна команда беше промовиран бригадниот генерал Насер Сејдин. Полковниците Киро Галазоски и Димче Петроски за команданти на првата, односно втората механизирана пешадиска бригада на ЗОК на АРМ, кои до крајот на годината ќе бидат унапредени во чин бригаден генерал, а полковникот Круме Велков е назначен за директор на Генералштабот.
Црвенковски на генералот Јовчески му се заблагодари на досегашниот ангажман и долгогодишната посветеност и учеството во повеќе значајни реформски проекти во АРМ, а на помладите негови колеги на кои им се дава прилика да извршуваат одговорни армиски функции им посака успех.
Никогаш не смееме да се заборавиме дека и најкрупните реформски зафати, како оние што ги спроведуваме во сферата на одбраната и безбедноста не можат да се реализираат без решавачкиот придонес на војниците и старешините, рече Црвенковски. „Р. Македонија се наоѓа во завршна фаза од реформските процеси. Имајќи го во предвид досега направеното со право очекуваме следната година на самитот во Букурешт тоа да биде и соодветно вреднувано од нашите пријатели и партнери во НАТО и да ја добиеме поканата за членство. Токму затоа очекувам во претстојниот период во кој треба да заокружиме еден процес со стратешко значење за нашата иднина, армијата, како и сите останати институции во Р.М., да бидат на нивото на историската одговорност и да го завршат својот дел од работата“, рече Црвенковски.
Г. Момироски