Трета година по ред Охрид ќе биде домаќин на Ракометниот камп „40х20“, како дел од проектот „Ракомет за секое дете“. По успешно организираните две изданија, со квалитетни тренери од земјата и гости од странство, на почетокот на месец март стартуваше пријавувањето и подготовките за третото издание на настанот кој има предзнак ракометен, настан на кој во центарот на вниманието е спортот број еден во Македонија, но и запознавање нови другарчиња, едукација и многу забава.
Оваа година, велат организаторите, интересот за учество на кампот е неверојатно голем, што го потврдува рекордно краткото време за кое се пополни предвидениот број на учесници, од Македонија, но оваа година со забележителен процент на учесници од Шведска, Шпанија, Србија и Турција.
Имајќи предвид начинот на кој беше организирано претходното издание на кампот, реакцијата и задоволството на учесниците, но и нивните родители, очекувавме дека интересот за третото ќе биде на високо ниво, но дефинитивно не можевме да претпоставиме дека за само пет дена ќе се пополни капацитетот на предвидени учесници. Големиот интерес за овогодинешното издание го најавија родителите на децата од странство кои сакаа(т) нивните деца да бидат дел од кампот, пред се од Шведска, од каде имаме рекорден број на деца, но и од Шпанија, Србија и Турција. Нивната култура на планирање, но и потреба со време да се резервира авионски билет, придонесува истите уште од крајот на минатата година да го најават своето учеството, вели Горан Ѓоргоноски, основач и координатор на проектот „Ракомет за секое дете“, чиј што дел е и ракометниот камп.
Како содржина на кампот, посебно внимание, потенцира, се обрнува на индивидуалниот пристап во работата со учесниците од повозрасните групи, работа во мали групи, според позиција во ракометот.
На кампот имаме деца од 7-17 години, и токму затоа програмата е различна во однос на возраста. Кај оние највозрасните (14-17 години) се работи и трипати на ден, во голема мера индивидуално, со цел отстранување на недостатоците и надградба на знаењето од ракометен, но и во однос на спортска психологија, додека со помалите категории се работи во групи од 8 до 15 деца, и покрај ракометот на менито има и доста едукативни предавања за здрав начин на живот, тимска работа, самодисциплина, но и многу натпревари, игри и секојдневно користење на базенот во комплексот на Хотел „Аквалина“ , додава Ѓоргоноски.
Тренерскиот семинар во склоп на самиот настан, истакнува Ѓоргоноски, наменет за тренери кои работат со млади категории, по премиерата минатата година, сега ќе биде надграден и збогатен.
Ракометниот камп „40х20“ е во организација на Агенцијата КМГ Спорт и ќе се одржи од 30 јуни до 05 јули на брегот на Охридско Езеро.
OhridNews