Во дел од пазарите, малопродажните и угостителски објекти во Охрид, Струга и Вевчани била откриена нелегална продажба на акцизни добра односно алкохол и тутун, во рамки на контролите кои ги извршиле Царинската управа на 29-ти и 30-ти септември 2015 година. Освен во овие три општини Царината извршила контроли и во општините Прилеп и Битола.

Според информациите кои се објавени на веб-страницата на Царинската управа, во 5 случаи од физички лица што продавале на зелените пазари привремено се задржала 112 литри домашна ракија, 3 литри коњак и 2,8 килограми режан тутун.

-Во 6 угостителски објекти е утврдена нелегална продажба на алкохол, при што привремено се задржани 13 литри ракија и 1,5 литри други алкохолни пијалоци – виски, узо и аквавит. Сите привремено задржани алкохолни пијалоци (130 литри), и тутун (2,8 кг) не биле означени со контролни марки, а сопствениците не поседувале сертификат за квалитет, иако ги нуделе на продажба, информираат од Царинската управа.

Оттаму објаснуваа дека против прекршителите ќе бидат преземени соодветни мерки.

OhridNews