Министерот за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, денеска во Охрид, ќе го отвори тридневниот семинар посветен на Програмата за поддршка на развојот на транснационални механизми за третман на жртвите на трговија со луѓе во југо-источна европа.
На семинарот ќе учествуваат преку 130 лица од надлежни владини и невладини институции од ЈИЕ, како и претставници на соодветните институции и меѓународни организации од западноевропските земји. Со овој семинар се заокружува тригодишната програма во чии рамки беа изготвени меѓународни насоки за постапување со жртви на трговија со луѓе, кои содржат стандардизирани процедури за идентификација, помош, заштита, ресоцијализација и реинтеграција на жртвите, како и постапувањето со нив во текот на кривичната постапка.
Владата на Република Македонија беше првата која ги усвои стандардните оперативни процедури за постапување со жртви на трговија со луѓе, а изминатиов период го сторија уште девет земји членки на програмата (Албанија, БиХ, Бугарија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Романија, Молдавија и Косово).