Нивото на трговската соработка меѓу Македонија и Црна Гора четири години воопшто не е променето и таквите состојби треба да се променат, беше истакнато на вториот состанок на Македонско-црногорскиот деловен совет, кој денеска се одржува во Охрид. Во работа на ова билатералното тело покрај претседателите на стопанските комори учествуваат и стопанственици и раководители на поголеми стопански субјекти од Македонија и Црна Гора. Тие дискутираат за можностите за унапредување на меѓусебата економската соработка, насоките на идната економска соработка, како и за влијанијата на актуелната светска економска криза врз националните економии на двете земји.
– Имаме некои конкретни предлози за подобрување на состојбата, воглавно врзани за инфраструктурното поврзување преку Албанија како нов коридор интересен и за стопанствениците и за туристите, истакна претседателот на Стопанската комора на РМ, Бранко Азески. Тој посочи дека во иднина треба малку да се поработи и на нивелирање на дисбалансот во трговската размена, односно поголемо присуство на црногорски производи и услуги на македонскиот пазар.
На состанокот претседателот на Стопанската комора на Црна Гора, Велимир Мијушковиќ, уште еднаш ги истакна можностите што ги нуди пристаништето Бар за македонското стопанство.
Македонско-црногорскиот деловен совет беше конституиран пред две години во Жабљак во Црна Гора, со цел да работи на унапредување на билатералната стопанска соработка меѓу двете земји.