Во насока на зајакнување на соработката од областа на заштитата на животната средина и природата, а во функција на зајакнување на билатералната соработка помеѓу земји од Регионот, на иницијатива на Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија на 22 и 23 ноември оваа година во Охрид, хотел Инекс Горица ќе се одржи состанок на високи представници – државни секретари.
На присутните претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово-УНМИК, Македонија и Србија во името на Владата на Република Македонија и како надлежен министер ќе им се обрати господинот Џелил Бајрами, министер за животна средина и просторно планирање кој воедно и ќе го отвори состанокот.
Домаќин и медијатор на состанокот е господинот Дејан Пановски, државен секретар при Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија.
Приоритетни теми за разговор на состанокот се: Статусот на процесот на усвојување на правото на ЕУ; Размена на информации за националниот статус на заштитени подрачја; Испитување на можностите за зајакнување на меѓу – секторската соработка; и усвојување предлози за развој на заеднички регионални и прекугранични проекти.
Резулатите од овој состанок ќе претставуваат основа за развој на заедничкиот интерес, имајќи предвид дека животната средина не признава административни граници и дека прекуграничната соработка за зачувување и почитување на природните добра е и обврска во името на генерациите што доаѓаат, се вели во информацијата на Министерството за животна средина.
Ohridnews