Во Охрид сеуште нема регистрирано случај на голема кашлица, а опфатот со примарна вакцинација е голем, информираат од Центарот за јавно здравје Охрид.

Иако може да предизвика сериозно заболување кај луѓето на сите возрасти, големата кашлица останува една од значајните причини за морбидитет и морталитет кај децата помали од 2 години, вели епидемиологот во Центарот за јавно здравје во Охрид, Прим м-р сци. д-р Јованка Стурлакова Коровешовска.

Висок опфат на имунизација со ефикасна вакцина е основа на превенцијата од ова заболување. Просечниот опфат со примарна вакцинација, со три дози ДТП вакцина која ја содржи компонентата против големата кашлица, во Охрид во периодот од 2013-2023 изнесува над 93,3%, бележејќи тренд на опаѓање. Овој тренд на опаѓање на вакциналниот опфат е потенциран кај првата ревакцина која се дава на 18 месеци. Многу родители ја одложуваат вакцината против пертусис како што ја одложуваат и МРП вакцината на оваа возраст, потенцира.

Посочува дека по инкубација од 5 -10 дена болеста започнува со нетипичен катаралниот стадиум кој трае 1- 2 недели.

Во овој стадим детето има сува непродуктивна кашлица особено преку ноќ, кивање, затнат нос или со секрет, најчесто без температура или со слабо покачена телесна температура (субфебрилна). Во наредниот конвулзивен стадиум болеста ја карактеризира типична кашлица во вид на пароксизмални напади предизвикани од ладен воздух или возбудување. Нападот на кашлица трае 1- 2 минути. По нападот на кашлицата детето повраќа, е цијанотично лице и со оток на очните капаци. Бебе со пертусис може воопшто да не кашла, а да има отешнато дишење, појаснува Стурлакова Коровешовска.

Во однос на бројката на заболени со сезонски грип вели дека  во Центар за јавно здравје Охрид во сезоната на грип 2023/2024 се пријавени 334 заболените.

Во 52 недела 2023 година – 10 случаи, во јануари 186 сличаи, а во февруари 138 заболени од сезонски грип. Како и предходните години пикот на заболените е во 6 седмица (од 05.02.2024 год. – 12.02.2024 2024 год.) кога се пријавени 77 случаи. По постигнување на пикот се намалува бројот на заболените. Минатава 7 седмица се пријавени 19 заболени од сезонски грип, истакнува Стурлакова Коровешовска.

Но, додава бројот на заболените е поголем бидејќи не сите приватните здравствени установи клиничките случаи на грип ги пријавуваат, а болните со полесна клиничка слика се лекуват дома без консултација од доктор и ги немаме во евиденција.

Од 50 лица со симптоми на грип земен е брис од грло и нос за утврдување на причинителот на заболувањето и лабораториски е потврдено присуство на вирусот на инфлуенца тип А/ H1.

Во сезоната на имунизација против сезонски грип 2023/2024, додава Стурлакова Коровешовска, голем интерес за вакцинација има од хроничните болни и постари лица.

Вакцинирани се 2602 лица преку мој термин и 50 лица приватно. Не е вакциирана ни една трудница иако грипот може да биде потешко заболување за време наз бременоста и опасен по живот и за новороденчето и бремената жена. Вакцината е безбедна и за мајката и за плодот, истакнува.

Освен инфекција со вирусот на грип во зимскиот период чести се инфекциите со корона вирусите и респираторниот синцицијален вирус.

Ниската надворешна температура, влажноста и загадувањето на воздухот како и и намалено присуство на сончева светлина и последователно намалено создавање на витамин Д во кожата придонесуват за лесно ширење на вирусите, а тука се и човечки факторите на ризик за ширење на вирусите како подолго задржување на луѓето во затворен простор во зимскиот период, почеток на училишна година во есенските месеци и дружење на учениците и намалената физичка активност во текот на зимските месеци, додава Стурлакова Коровешовска.

Н.С.Ј.