Поради кризата  и беспарицата се поголем е бројот на охриѓани кои живеат на вересија.  Ова ни го потврдија сопствениците на неколку охридски маалски дуќани. На вересија се купува се! Почувајќи од леб и млеко, па преку кафе, масло за јадење, шеќер, овошје, до цигари и пијалаци.  Трговците објаснуваат дека во последниве неколку месеци се зголемил бројот  на муштериите  кои купуваат на почек. Објаснуваат дека некои земаат до плата, некои до пензија , но има и такви кои никогаш не плаќаат.

-Не си никако, ниту да даваш ниту да не даваш на вересија. Порано не давав на вересија, но редовни муштерии почнаа да прашуваат за почек. Мислев дека не можам да не го почекам до плата,  некој кој постојано пазарува кај мене, затоа што ми беше страв дека ќе го изгубам како муштерија. Но се почесто се уверувам дека грешам. Напротив, на тие што ќе им дадам вересија после ја заобиколуваат мојата продавница и од страм одат да пазарат на други места. Значи јас со вересијава си влегов во дупла загуба, ем не можам да си го наплатам она што ми должат ,ем парите што ги имаат во кеш ги трошат на друго место, наместо кај мене.-вели сопстевник на еден охридски маалски маркет.

Тој наглсува дека поради вересијата и дуќанот го снабдува на вересија. Вели дека нема платено голем број фактури и веќе е должен на голем број охридски магацини. Но и покрај овие проблеми вели дека мора да работи затоа што дуќанот е единствената егзистенцијата за неговото семејство.

-Ова не е единствениот ваков случај во Охрид. Нам ни должат голем број на мали дуќани. Но во последно време нивниот број се повеќе расте, така што и нашите газди се приморани да задолжуваат кај увозниците и производителите. Значи вересијата се одвива во синџир, едни  чекаат и настојуваат да ја наплатат вересијата, затоа што со тие пари треба да ја платат својата вересија.-објаснува комерцијалистот на еден охридски магацин, кој додека го водевме  разговорот со претходниот соговорник, дојде за наплата на некоја заостаната фактура.

Во големите супер маркети низ Охрид, не даваат на вересија, но граѓаните  кај нив ја користат можноста на одложено плаќање со картички.

Јас работам тука неколку години, но во поcледно време муштериите се почесто плаќаат безготовински и тоа со кредитни картички. Навистина  не знам што прават луѓево, само се задолжуваат. –вели касиерка од еден поголем маркет во Охрид.

Вересијата со пишување може и да не се плати, за тоа нема законска процедура, но долговите на картичките, банките можат да ги наплатат и судски и преку извршители. Според банкарските работници ретки се граѓаните на Охрид,  кои редовно ги плаќаат ратите од кредитните картички што значи дека во иднина за жал,  се претпоставува дека судските извршители ќе имаат полни раце работа.

Е.Е